АПРИЛСКИ ПАТУВАЊА
МАЈСКИ ПАТУВАЊА
ЛЕТО 2026 - ГРЦИЈА
ЛЕТО 2026 - КИПАР
СЕПТЕМВРИСКИ ПАТУВАЊА
Авионски програми - Молдавија и Романија
Молдавија и Романија

Прв ден: 11.04.2026 (сабота)-Скопје-Виена-Кишинев

Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 02.30 часот. Полетување кон Виена во 04.25 часот, слетување во 06.00. Летот за Кишинев е во 11.25 часот, пристигнување во 15.30 по локално време. Организиран трансфер со автобус од аеродромот до хотелот “Regency Hotel” 4*, лоциран во центарот на градот. Одмор од патувањето, а потоа организиран разглед на Кишинев, кој со околу половина милион жители е главен град и воедно најголем град во Молдавија. Познат како еден од најзелените главни градови во Европа, Кишинев датира од пред околу 600 години, кога бил основан како манастирско село. Но областа има многу подолга историја; тука само традицијата на производство на вино е подолга од 3000 години. Посета на главните знаменитости на Кишинев: Катедралата на Христовото раѓање и белата камбанарија, изградени во 1830-та година, Триумфалната Капија изградена во чест на победата на Русија против Отоманската Империја, пешачката улица со продавници и ресторани, парковите во центарот на градот и Музејот посветен на Пушкин. Слободно време за индивидуални активности и следење на подготовките на празникот Велигден во некоја од православните цркви во Кишинев. Ноќевање.

 

Втор ден: 12.04.2026 (недела)- Кишинев-Јаши

Појадок. Токму на Велигден заминуваме на целодневна посета на Јаши, градот во кој се чуваат моштите на светицата Света Петка. Попатно ќе го посетиме манастирот Căpriana, еден од најстарите манастири во Молдавија, познат по уникатната византиско-готска архитектура. Продолжуваме кон Јаши, третиот најголем град во Романија кој долго време бил главен град на кнежевството Молдавија и 3 години главен град на Романија. Јаши е дом на првиот романски универзитет и сеуште претставува еден од најзначајните културни и образовни центри во земјата. Започнуваме со организиран разглед на градот: Плоштадот на Обединувањето; Палатата на културата - импозантна готска палата во која се сместени 4 музеи; Националниот театар - уште една импресивна градба која е истовремено и најстариот Национален Театар во Романија; Манастирот на трите Архиереи во кој била донесена првата преса за печатење во Молдавија, куќата Dosoftei - една од најстарите градби во градот и други знаменитости. Кратка пауза за ручек, а потоа посета на Соборната Црква во Јаши, во која се чуваат моштите на Света Петка. Црквата е градена во периодот од 1881-1886-та година, а внатрешната декорација била доверена на познатиот романски сликар Григорие Татареску. На ѕидовите на црквата, во куполата, на столбовите и на иконостасот тој насликал повеќе од 250 поединечни ликови и композиции. Црквата претставува ремек дело и возвишен симбол на романската историја и уметност. Слободно време за индивидуално разгледување на црквата и оддавање почит на моштите на светицата која е заштитничка од несреќи и болести. Потоа слободно време за индивидуални прошетки низ пешачката улица во Јаши, полна со ресторани и продавници за сувенири. Во вечерните часови враќање во Кишинев. Ноќевање.

 

Трет ден: 13.04.2026 (понеделник)- Кишинев-Манастир Curchi-стар Орхеј-винарија Cricova

Појадок. Денот го посветуваме на откривање на културата, историјата, природата и прочуеното винско наследство на Молдавија. Патувањето го започнуваме со посета на еден од најубавите и најмирните духовни комплекси во Молдавија – манастирот Curchi, лоциран во прекрасна природа во близина на гратчето Орхеј. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат пет цркви, од кои најголемата е дизајнирана од италијанскиот архитект Francesco Bartolomeo Rastrelli, кој бил автор и на многу познати градби во Русија, меѓу кои и Зимската Палата во Санкт Петерсбург. Во времето на Советскиот Сојуз, манастирот бил користен како психијатриска болница, а по осамостојувањето на Молдавија повторно е возобновен. Потоа продолжуваме во областа стариот Орхеј – најпосетуваното место во Молдавија, значаен археолошки и културен комплекс во кој има остатоци од повеќе различни цивилизации кои живееле тука во последните 3000 години. Областа изобилува со пештери кои биле населени уште од праисториски племиња, а подоцна биле користени од ајдуци кои во 17-от век таму се криеле од Отоманските војски, но и од православни монаси и испосници. Во 14-ти век монасите претвориле дел од пештерите во манастири, а некои од нив сеуште се активни. По посетата на стариот пештерски манастир издлабен во карпата, се упатуваме кон селото Бутучени познато по автентичната селска атмосфера со стари камени куќи и тесни улички каде се чини дека времето застанало. Тука ќе ја видиме локалната црква и музеј на отворено. Организиран ручек во локална гостилница во ова историско село, каде ќе имаме можност да пробаме традиционална молдавска храна и локални специјалитети. Го завршуваме денот со една од најголемите атракции на Молдавија – светски познатата винарија Cricova, во која се произведува пенливо вино според класичниот француски метод по кој се прави шампањ. Винаријата има подземни тунели од 120 километри во кои се чуваат над 1.3 милион шишиња вино. Има многу приказни за винаријата, од кои една вели дека во 1966 година космонаутот Јури Гагарин поминал два дена во нејзините подруми. Во 2002 година рускиот претседател Владимир Путин во неа го прославил 50-от роденден. Прошетка низ тунелите на винаријата. Враќање во Кишинев. Ноќевање.

 

Четврти ден: 14.04.2026 (вторник)- Кишинев-Трансистрија

Појадок. Последниот ден од нашиот престој во Молдавија заминуваме на една од најнеобичните авантури – посета на Трансистрија, самопрогласена „држава”, која иако целиот свет ја признава како дел од Молдавија, ги има сите одлики на независна земја. Трансистрија или Приднестровската Молдавска Република, како што е официјалниот назив, е тесен појас земја помеѓу Молдавија и Русија во кој живеат околу 350.000 жители. Трансистрија опфаќа територија што била освоена од Советскиот Сојуз во текот на Втората светска војна, а која се спротивставила на независноста на Молдавија во 1991 година и денес делува како времеплов со многу симболи од минатото.k Кратката војна завршила со примирје како резултат на кое Трансистрија денес има граници, влада, армија, полиција и сопствена валута – приднестровска рубља која може да се размени само во Трансистрија и е еден од најнеобичните и уникатни сувенири што можете да ги понесете со себе. Откако ќе ја поминеме границата и ќе добиеме влезна виза за Трансистрија, одиме во посета на тврдината Bender, импозантен архитектонски споменик од 16-ти век. Тврдината се наоѓа во градот Бендер и била изградена од страна на Отоманската Империја во текот на војната против Русија. Продолжуваме кон манастирот Chitcani, изграден во историска Бесарабија кога била дел од Руското царство, основан во знак на протест против романската забрана за богослужба на словенски јазик. Оттаму се упатуваме кон Тираспол, главниот град и административен центар на Трансистрија. Организирана прошетка низ градот кој е симбол на советската носталгија во кој можат да се видат советски згради, цркви градени во руски стил и споменици на историски фигури на Ленин и Катерина Велика. Но во истовреме тука се испреплетува и модерната реалност и невообичаена глетка како што е споменикот Harry Potter или стадионот Stadiona Šerif, поврзан за некој моќен олигарх. Слободно време за индивидуални прошетки и ручек во градот кој изобилува со ресторани во кои имате впечаток дека сте се вратиле во Советскиот Сојуз. Во вечерните часови враќање во Кишинев. Ноќевање.

 

Петти ден: 15.04.2026 (среда)- Кишинев-Виена-Скопје

Одјавување од хотелот и организиран трансфер до аеродромот во Кишинев. Полетување кон Виена во 06.30 часот, слетување во 07.10 по локално време. Поаѓање кон Скопје во 10.20, слетување во 11.50.

 

Промотивна цена за уплата до 25.01.2026: 699 евра (43.340 денари)

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ799евра (49.540 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

  

Во цената е вклучено:

• Авионски билет: Скопје-Виена-Кишинев-Виена-Скопје со вклучени аеродромски такси

• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице

• 4 ноќевања со појадок во хотел „Regency Hotel“ 4* во Кишинев

• 1 ручек во локален ресторан во Бутучени

• Посета на винаријата Cricova

• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер

• Лиценциран туристички водич

• Лиценциран туристички придружник

 

Во цената не е вклучено:

• Доплата за еднокреветна соба – 150 евра

• Патничко осигурување

 

Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 250 евра (15.500 денари) најдоцна до 26. Јануари 2026 година. Целосна доплата на аранжманот до 05. Март 2026. Секоја  резервација без уплата е валидна само 48 часа.

Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 3патници